По завршувањето на преговорите за името, ако има договор, за тоа ќе мора да се изјаснат и граѓаните на Македонија, референдум за името ќе има секако, изјави вечерва премиерот Зоран Заев, во интервју за ТВ 24 вести.

Во врска со соработката со опозицијата, Заев вели дека за преговорите за името немаат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, но имаат разбирање од нив.
„Останува надежта дека на крајот ќе добиеме поддршка и од опозицијата и од претседателот на државата. Ние сме за референдум и не отстапуваме од тоа. ДУИ е против тоа. Но, ако градиме политика на консензус, за вакви прашања треба да одиме сите заедно. Се обидувам да имам разбирање за сите и затоа повикувам на национално разбирање. Генерално, во политичкиот блок на собраниските партии, сите се за ЕУ и НАТО, па и решението за референдум мора да биде унисоно”, изјави Заев.
Премиерот Заев вечерва изјави дека споменикот на Александар Велики во Скопје нема да се урива.
„Сѐ што имаме ни е македонштината. Но, на граѓаните им требаат повеќе пари, подобар живот и затоа се надеваме дека ќе имаме достоинствено решение за името со Грција. Грците имаат разбирање за тоа дека не треба да се чепка во идентитетот”.
Заев вели дека во мај ќе има средба со неговиот грчки колега Алексис Ципрас.
„Верувам дека месец мај е убав месец за убаво, достоинствено решение. На средбата со грчкиот колега ќе треба да го решиме последното нерешено прашање. Дотогаш бајаги треба да се испотиме за да кажеме дека дојдовме до договор. На крајот, ако сме пред конечен договор кога ќе седнеме јас и премиерот на Грција, тоа ќе биде завршницата на преговорите, тоа ние ќе го решиме. И да не успееме, преговарачкиот процес останува отворен. Паралелно со преговорите со името ние одиме со реформите, независно од текот на преговорите – реформите во судство се неопходни, како и владеење на правото, реформи во здравството, во образованието, економијата… И да не го решиме проблемот за името, ние треба Европа да ја донесеме во Македонија. Ние веруваме во европските вредности”, рече Заев.
За односите со Русија, Заев повтори дека протераниот руски дипломат недозволиво се однесувал во Македонија, дека бил предупредуван, но и натаму делувал надвор од неговиот мандат и дека доказите биле презентирани на амбасадата на Русија.
„Ние со Русија сакаме да градиме пријателство, поврзани сме со културата, со улогата на Охридската архиепископија, имаме многу заеднички работи, но за нас нема алтернатива освен членството во ЕУ и НАТО. Ние не влегуваме во НАТО за да отвораме војни. Напротив. Ние сме за мир.Нашите војници се во Авганистан, во БиХ… за да шириме мир, не сакаме членство во НАТО за војна… Сакаме само пријателство со Руската Федерација”, рече Заев.
Премиерот најави реконструкција на Владата до крајот на месецов.

loading...

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here