Две недели откако скопскиот второлигаш Локомотива жестоко и бурно реагираше на судиската кражба во локалната пресметка со Еуромилк Горно Лисиче (1-2), главниот арбитар на тој меч Фатон Мустафи повторно се наоѓа во фокусот – сега со недосуден пенал за најтрофејниот македонски клуб Вардар во Првата лига.

Случајно или не, Мустафи беше главен арбитар на македонското „Ел класико“ во Битола, кое заврши без победник и без голови, како награда веројатно за „добро завршената работа“ на својот претходен меч. Нејасно е како судија кој јавно беше посочен како најлош на скопската второлигашка пресметка Еуромилк – Локомотива, може да добие награда за да суди на најголемото македонско дерби?

Денеска на „Тумбе Кафе“ немаше премногу шанси, Вардар погоди еден дирек, а сѐ друго домашниот голман Илче Петрески одбрани за да донесе бод за Пелистер. Сепак, крајот на мечот го одбележа спорниот момент во 91-та минута, кога Петрески беспотребно стартуваше врз Максим Максимов, иако Русинот се најде во мртов агол, па Мустафи не се реши да свирне пенал, туку додели корнер и „иницираше“ едноминутна тепачка помеѓу фудбалерите на двата тима.

loading...

Од ФФМ треба добро да одговорат, прво дали Мустафи добил добра оценка за својата арбитража на спорното второлигашко дерби и како тоа по еден таков меч со бројни жалби и поплаки, добива шанса да суди на најголемото македонско дерби.

За потсетување, Локомотива во соопштението пред две недели по тој скандалозен меч со Еуромилк Горно Лисиче ја праша ФФМ, што сака да постигне со тоа што има судии кои ,,свират” по нарачка секое коло, а се знае кој е нарачателот? И притоа барајќи да се прегледа делењето на (не)правдата од Мустафи: „Ве повикуваме да го видите ,,делењето на (не)правдата” на нашите две последни гостувања и искрено да ни одговорите – дали барем малку ви е срам?“, побараа од Карпош.

Но, веројатно во ФФМ никој ниту ги видел спорните моменти, ниту пак некого го интересира дали Мустафи направил (не)намерни грешки за некого да оштети. Затоа, две недели по тоа коло, колку што траеше репрезентативната пауза, сега доби шанса да суди на „Ел класико“ и повторно не го положи испитот.

Во оваа сезона речиси и да немаше екипа која гневно не реагираше кон судиите, што само го потврдува невидениот хаос кој владее во домашните натпреварувања, а додека сите се бунат, од ФФМ си свиркаат како сѐ да е на врвно ниво.

извор спорт1

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here