Една од најголемите  германски и светски ракометни легенди, Штефан Кречмар во улога на аналитичар се осврна на најважните два натпреавари на германските претставници во Лигата на шампионите. Германските тимови се наоѓаат во доста тешка ситуација во пресрет на реванш четвртфиналните натпревари. Фленсбург одигра нерешено 28-28 на свој паркет, па на гости во Монппелје ќе мора да се бори за виза во Келн. Вториот германски претставник, ракометната институција Кил, се наоѓа во уште понезавидна ситуација откако загуби на домашен терен од Вардар со 28-29, па во пеколната “Јане Сандански” ќе се обиде да стигне до завршницата во ЛШ.

Легендарното лево крило не сака Германија да остане без учесник на Ф4 турнирот во Келн, но потенцира дека тоа ќе биде ѓаволски тешка мисија. Посебно гостувањето на Кил во Скопје, кое според Кречмар е најжешкиот ракометен терен во Европа.

“На Кил му се случи нешто што му се случува често во последно време. Доколку почнат во грч и направат неколку грешки тогаш многу тешко го играат натпреварот. Во тие моменти нема лидер на теренот кој ќе им ја врати самодовербата на другите. Доколку тоа фунционира, тогаш многу е тешко да ги победите. Во моментот Кил не е ментално силен да се извлече од такви ситуации. Многу ја подобрија својата игра во последно време и тоа им донесе одлична серија во Бундеслигата. Овие резултати им дадоа самодоверба да се надеваат дека можат да стигнат до позитивен резултат и против шампионот на Европа.”

loading...

Кречмар ја анализира играта на Вардар за кој смета дека е физички супериорен во однос на “зебрите”.

“Вардар беше физички супериорен во однос на Кил. Тие се една доста незгодна екипа, која е фокусирана на својата игра.  Мора добро да се анализира овој противник. На реваншот ќе биде уште потешко на психички план. Нивната арена ќе биде вистински пекол во недела! Тоа се фанатични навивачи. За викендот нема да има погласна сала од таа во Скопје. Едноставно мора да бидете храбри, самоуверени и доста смирени. И да не заборавиме, оваа сезона никој не победи во Скопје.”-потенцира Кречмар.

Според Кречмар, Лука Циндриќ е човекот кој беспрекорно ги поврзива редовите на европскиот првак.

“Според мене одлучувачки ракометар на Вардар, е организаторот на играта, Лука Циндриќ. Секој напад се одвива преку него. Останатите бекови, Борозан и Кристопанс имаат олеснета работа токму поради неговите активности на теренот. Исто така одлично им функционира и конекцијата со пикерот која е многу важна. Кил мора да најде формула во одбраната и соодветно да одговори во дефанзивата.  Исто така и Никлас Ландин и Андреас Волф мора да имаат перфектен настап во Скопје.”-заврши Кречмар.

Натпреварот Вардар-Кил се игра на 29.4 (недела) со почеток во 17.00 часот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here