Вчерашниот и завчерашниот ден ќе бидат запишани во историјата на македонскиот спортски ТВ етер, но во негативна смисла – за првпат се случи натпреварите од Лигата на шампионите да одат со коментатр на српски или хрватски јазик, од проста причина што ниту една македонска ТВ не го откупи правата за емитување на средбите од најбогатото фудбалско натпреверување.

Затоа и многу врева се крена изминатиот период откако македонската јавност дозна дека нема да може (бесплатно) да ги гледа натпреварите на Вардар и Металург во ракометната ЛШ, средбите од фудбалска ЛШ, како и мечевите на македонската фудбалска репрезентација. Начин секогаш има, но сега ќе мора да се плати. Или да се претплатите на некој од кабелските оператори кои во пакетите нудат спортски канали што пренесуваат ЛШ или да одите по „заобиколен“ (да не пишеме незаконит) пат и да си набавите сателитски ресивер. Едно е сигурно, џабе преноси веќе нема!

loading...

Причината за оваа состојба е многу јасна – македонските телевизии (најмногу на удар е националната МТВ) ги загубија ТВ правата, зашто нив (целосно) ги отткупија регионални спортски канали, за огромна сума на пари. Тие канали зрачат на територијата на Македонија, вклучени се во пакетите на кабелските оператори, што е и нормално, но страшно е тоа што што преносите одат со српски или хрватски коментар, што е погубно за било која нација. Исклучок досега направи само Спорт Клуб, канал кој реши средбите на фудбалската репрезентација да одат со македонски коментатор. И тоа по жестоките реакции на јавноста по преносот од Гибралтар на хрватски јазик.

Едно е јасно. Националните телевизии сѐ потешко ќе можат да се борат за ТВ правата. И тоа секаде е така. Во Англија, Би Би Си не пренесува речиси ништо, сѐ оди на Скај Спортс или БТ Спорт. Истото е и во Германија, Франција, Шпанија. И во соседството сликата е речиси иста – во Србија и Хрватска најдобрите спортски настани може да се гледаат само на Арена или Спорт Клуб.

Народот кај нас има обичај да хејта со оние добропознатите – за што плаќаме радиодифузна такса? (додека се плаќаше), зошто купувате турски серии? (разбирлива реакција, но тоа е најевтин начин да се пополни програа) и слично…

Не навлегуваме кој е во право, но само ќе изнесеме некои бројки, па сами пресудете.

ТВ правата за една сезона од ракометната ЛШ чини од 120 до 180 илјади евра, во зависност колку клубови имаме во тоа натпреварување. Договорот мора да се потпише на две или три години, што е ризик плус, зашто кај нас не се знае клубовите дали ќе издржат финансиски во наредните шест месеци, а не па четирипати подолго од тоа. Замислете, вгодина, или во 2020 Македонија да нема учесник? Парите мора да се платат, а телевизијата ќе нема право да пренесува средби од групната фаза, туку само четирите двобои од Ф4 во Келн. Ова зашто ТВ правата сега се однесуваат само за натпреварите на македонските екипи.

А, парите за ТВ правата за ракометната ЛШ се само стартни трошоци. Продукцијата чини околу 5.000 евра по пренос, бидејќи мора да се изнајмуваат репортажни коли, а „кревањето“ на преносите на сателит чини 2.500 евра по меч. Грубо пресметано, една сезона од ЛШ во ракомет чини минимум 250.000 евра.

Дури и кога би се јавила некоја телевизија за да го купи сето тоа, би се соочила со проблемот нелојална конкуренција. Само нашата држава дозволува да зрачат спортски канали со сродни соседски јазици за преноси чии ТВ права ги купила наша телевизија. Тоа не е случај ниту во Србија, ниту во Бугарија, ниту во Хрватска. Таму носителите на ТВ правата се максимално заштитени.

Истото важи и за фудбалската ЛШ. МТВ се јавила на тендерот на ТИМ Маркетинг, компанијата која ги продава ТВ правата за ЛШ. Понудата била за минималниот пакет (еден меч во среда + ЛШ магазини и финалето). Сумата која националниот сервис ја понудила не е за занемарување – била околу 350.000 евра, но добиле негативен одговор. Иако биле единствени што понудиле!

Значи, не можеме МТВ да ја обвиниме дека не се трудела да го добие најинтересното спортско натпреварување на планетата, но ете – понудата не ги задоволила тие што продавале.

Само да потенцираме, завчера и Србите не можеа да го гледаат деби настапот на Црвена Звезда во ЛШ – преносот одеше на Арена. Ова затоа што РТС го има откупено пакетот со натпревар(и) во среда, па немаше право да го пренесува историскиот меч од Маракана. Замислете што ќе се случеше ако некој македонски тим играше во групната фаза од ЛШ, а пренос немаше на МТВ. Социјалните мрежи ќе вриштеа! Но, веројатно на север побрзо се привикнуваат на новите трендови…

А, големиот пакет – тој со сите натпревари од ЛШ во вторник и во среда, како и средбите од Лига Европа во четврток сигурно чини минимум еден милион евра годишно. За споредба, неофицијалните информации се дека кога Канал 5 го откупи тој пакет за периодот од 2009 до 2012 година, плати сума од два милиони евра за три години. А кога еднаш некоја телевизија ќе плати толкава сума за подрачјето на Македонија, носителите на ТВ правата нема шанса потоа да ја спуштат. А цената секоја година расте од 10 до 15 проценти… Затоа и последните години волку скапи ТВ права откупуваат само големи спортски канали и тоа за зрачење на поширок регион.

Исто така, милионски се сумите за ТВ правата од најквалитетните фудбалски првенства, а тие веќе се во сопственост на Спорт Клуб и Арена. Затоа и никој не се ни обидува да почне преговори за купување. Единствено Телевизија 24 се обидува да се „бори“ на пазарот, купувајќи Формула 1 и минимална верзија на германската Бундеслига.

Додека не се навикнеме дека сѐ што е квалитетен спорт треба да се плати за да се гледа, социјалните мрежи ќе вријат од духовити коментари и обвинувања кон телевизиите, а најмногу националната. Навиката беспари да се добива сѐ, треба да се искорени.

Меѓутоа, од друга страна недозволиво е во македонски етер да циркулираат преноси од натпреварувања од национален интерес – на странски јазик! Само затоа што Македонецот разбира српски/хрватски и може да го консумира производот не мора да фрламе пепел на мајчиниот јазик, небаре сме уште сојузна република од некоја поширока федерација.

Ако веќе модерниот капитализам не дозволува владини опструкции на слободниот пазар (опструкции=некаков стимул за нашите телевизии кои се немоќни пред регионалните гиганти или, пак, некаква забрана за нив), тогаш барем и оние ТВ-преноси, кои не се достапни за сите, да бидат задолжително на македонски. Во време кога се јавуваат многу херои во име на националниот идентитет/име/јазик, ќе да е возможно да се изгласа таква законска регулатива. Или, пак, ако веќе некоја од нашите телевизии успее да се дограба до содржина од важно и атрактивно натпреварување, нека постои закон кој ќе забрани да зрачи сигнал од регионални спортски канали за настани чии ТВ права ги има наша телевизија.

Така можеби некој би се осудил да брцне длабоко во џебот и да плати. Се дотогаш, ќе биде јалов обид за импровизација.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here